ЕУ ги заобиколи санкциите на САД врз Иран

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

ЕУ ќе тргува со Иран и покрај притисоците од САД

Британија, Франција и Германија стартуваа трговски механизам за заобиколување на американските санкции против Иран. Потегот беше пофален од Техеран, но критикуван од Вашингтон.

Брисел се надева дека долгоочекуваниот специјален систем за плаќање ќе помогне да се спаси нуклеарниот договор со Иран, дозволувајќи му на Техеран да продолжи да тргува со компании од Европската унија.

До ова доаѓа откако Вашингтон повторно воведе санкции врз Иран откако претседателот Доналд Трамп нагло го напушти нуклеарниот договор во минатата година.

Трите европски земји, потписнички на договорот во 2015 година што ги ограничи нуклеарните амбиции на Техеран, во замена за олеснување на санкциите, го лансираа новиот механизам на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Букурешт.

Шефот на француската дипломатија Жан-Ив Ле Дриан притоа изјави:

„Ние рековме дека сме подготвени да ја зачуваме финансиската и комерцијалната рамка со оваа земја. Ние тоа го рековме, а сега и го правиме тоа. Го охрабруваме Иран да го задржи овој пат, кој е единствениот за да се обезбеди глобалната безбедност“.

Тоа го потврдија и неговите колеги од Британија и Германија Џереми Хант и Хајко Мас:

„Ова е јасна, практична демонстрација дека е натаму сме цврсто посветени на историскиот нуклеарен договор од 2015 година со Иран“.

„Сега, исто така, очекуваме Иран да ги исполни своите обврски што остануваат во овој договор и да се однесува во согласност со договорот“.

Иранскиот министер за надворешни работи, Џавад Зариф ја поздрави веста како „прв долготраен чекор“.

Тој на Твитер напиша: „Остануваме подготвени за конструктивен ангажман со Европа на еднакво рамниште и со взаемно почитување“.

Но, Вашингтон излезе со ново предупредување против секој што мисли да тргува со Исламската република.

Иако новата институција, наречена ИНСТЕКС, кратенка од Инструмент за поддршка на трговската размена, е проект на трите влади, таа ќе добие официјално одобрување од сите 28 членки на ЕУ.

Компанијата е регистрирана во вторникот во Париз со првични 3.000 евра капитал и надзорен одбор со членови од Франција, Германија и Британија.