Поставувањето на таблите со новото име, заедно со двојазичноста

Тројазична патоказна табла ( на македонски, англиски и албански) во центарот на Скопје

Сите обврски кои произлегуваат од Договорот од Преспа за употреба на новото име на државата ќе бидат усогласени и со Законот за употреба на јазиците е еден од заклучоците од вчерашната владина седница.

Портпаролот на Владата, Миле Бошковски на денешната прес конференција соопшти дека седум дена по ратификацијата на Протоколот за пристапување на нашата земја во НАТО од страна на Атина, во сила ќе стапи Договорот од Преспа по што ќе почне промената на таблите на граничните премини и државната граница на нашата земја, на дипломатско-конзуларните претставништва, како и на влезовите на институциите и на јавните претпријатија.

Бошковски додаде дека ваквата промена ќе биде усогласена и со Законот за употреба на јазиците што значи дека таблите на државните институции со новото име на државата ќе бидат напишани двојазично. Локалната самоуправа ќе добие само препорака за да ги спроведе истите постапки. Тој додаде дека нема краен рок до кога треба да бидат сменети имињата затоа што Владата ќе тргне веднаш во примена на Договорот од Преспа.

„Во однос на пасошите, тие конкретно остануваат на сила во рокот предвиден од пет години по отворање на поглавјата, што значи дека прво ќе ја информираме меѓународната заедница, по што како ќе се отвораат поглавјата за преговори за членство во ЕУ, имаме рок од пет години во кои што севкупната промена ќе треба да се случи вклучувајќи ги и пасошите. Инаку замената на пасошите ќе оди во редовна постапка како и досега“ изјави Бошковски.

Тој додаде дека Договорот од Преспа ќе биде сто проценти спроведен од оваа влада.