Властите во Романија, која во моментов претседава со ЕУ, велат дека ќе ги поддржат напорите на Македонија за започнување на пристапните преговори со Унијата, откако е постигнат договорот со Грција за името.
Романскиот министер за европски работи, Џорџе Чиамба, денеска изјави дека сака Македонија да ги започне преговорите со Унијата во јуни на состанокот на министрите на ЕУ.
Романскиот министер денеска се сретна со македонскиот вицепремиер Бујар Османи во Букурешт.
Македонските власти соопштуваат дека вицепремиерот Османи истакнал дека Романското претседателство со ЕУ претставува огромен успех за Романија, но и голем потенцијал за земјите од Западен Балкан имајќи ја близината и интересот на Романија за регионот.
Чиамба рече дека Романија, исто така, ја поддржува Албанија да ги започне разговорите за пристапување во ЕУ и дека сака процесот на проширување на ЕУ да продолжи, врз основа на заслугите и реформите што ги спроведуваат потенцијалните членки.
Македонија и Албанија се официјални кандидати за членство во Унијата но се уште немаат датум за почеток на преговорите.