Владини субвенции за 11 печатени медиуми

Прес-конференција.министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски и претседателот на Асоцијацијата на печатени медиуми, Лирим Дулови.

Единаесет печатени медиуми добија парична поддршка од Владата. Владата одобрила 11 од вкупно поднесените 13 барања за поддршка на печатени медиуми. На овие 11 новинско-издавачки компании им се распределени 42,5 милиони денари. Во Буџетот за 2018 за оваа намена беа предвидени 50 милиони денари.

Средствата се доделени за веќе остварени трошоци, и тоа на весниците на македонски јазик во висина од 50 проценти за направените трошоци за печатење и 50 отсто за трошоците за дистрибуција, а на печатените медиуми кои се издаваат на јазиците на етничките заедници во висина од 70 отсто за направените трошоци за печатење и 70 проценти за трошоците за дистрибуција.

Министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски на прес-конференцијата истакна дека Владата останува посветена на силната поддршка за плурализмот и за обезбедување на средина за одржлив развој на медиумите.