Макрон: Гласањето на Преспанскиот договор е пример за храброст и единство на Европа

Францускиот претседател Емануел Макрон на социјалната мрежа Tвитер го опиша гласањето на Договорот од Преспа како пример за храброст и единство на Европа. Денеска Париз ја поздрави ратификацијата на Договорот од грчкиот парламент, јавува новинската агенција МИА.

Министерот за Европа и надворешни работи Жан Ив Ле Дриан преку официјално соопштение порача дека ја поздравува ратификацијата на Преспанскиот договор и додава дека оваа политичка етапа суштински ќе овозможи ставање крај на билатералниот спор стар четвртина век.

„Дополнително, со поддршка на Франција, договорот го отвора патот за пристапување на “Република Северна Македонија” во Атлантската алијанса, во согласност со поканата упатена до неа на самитот минатиот јули и придонесува за нејзиното европско приближување“, се вели во соопштението на Кеј Д’Орсеј.