Министерството за труд и социјална политика денеска поднесе кривична пријава против непознат сторител откако вчера во јавноста ја обелодени аферата во пензискиот систем. Според анализата и документите на министерството, во пензискиот фонд се направени неправилности при распределувањето на придонесите на 12 илјади граѓани, идни пензионери. Тие откриле дека наместо во вториот столб, придонесите на дел од граѓаните во вредност од 19 милиони евра останале во првиот државен столб со што им е ускратено правото на повисока пензија. Според соопштението на министерството еден осигуреник со просечна плата има изгубено околу 95 илјади денари во период од 2007 до 2018 година.
„ За таа намена на приватните пензиски друштва ќе им биде исплатена сума од 19 милиони евра обезбедени од Буџетот на РМ. Овие средства ќе бидат распределени на оштетените осигуреници, односно на секој по околу 400 илјади денари,“ е наведено во соопштението.