Ѓорчев влезе во партиската трка за претседател на државата

Архивска фотографија- Владимир Ѓорчев, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев денеска објави дека се кандидира на огласот во неговата матична партија за изборот на нивни кандидат за претседател на државата.

“Објавувам и кажувам дека се кандидирам за претседател. Имам искуство, мотивација, знаење, чесност и лојалност. Ја знам цела Македонија и ќе појдам во секој град, секој дом, кај граѓаните на република Македонија и ќе ја побарам вашата доверба зашто се надевам и мислам дека сум ја заслужил“, рече Ѓорчев на прес конференцијата во Собранието.

Тој додаде дека сега бил мотивиран повеќе од кога било и истакна дека не се плаши од противкандидатот на СДСМ. Ѓорчев е вториот кандидат кој се пријавува на огласот на ВМРО-ДПМНЕ, но прв кој тоа јавно го обелодени. Името на првиот кандидат се уште е непознато во јавноста, а огласот е во тек. Партијата најави дека својот кандидат избран од сите пријавени ќе го објават на конвенција во Струга кон средината на февруари.

На кандидатурата на Ѓорчев веднаш преку соопштение реагираа од СДСМ наведувајќи дека тој бил “првиот кандидат кој јавно обелодени дека сака да застане рамо до рамо со Христијан Мицкоски, против ЕУ и НАТО, да тргне по антизападните стапки на Груевски и Иванов”.

“Повеќе од 20 години Ѓорчев е дел од ВМРО-ДПМНЕ. Повеќе од 20 години Ѓорчев ги премолчува сите криминални и погубни политики на неговата партија. Со години молчеше за криминалите на Груевски, денес молчи за антидржавното и антизападното однесување на неговиот шеф, Мицкоски”, наведуваат од СДСМ.