Заменикот на американскиот државен секретар за Европа и Евроазија Вес Мичел ќе ја напушти функцијата на средината на февруари, соопшти државниот секретар Мајк Помпео.
„Вес како помошник државен секретар направи извонредна работа“, рече Помпео.
Заменик портпаролот во Стејт департментот Роберт Паладино изјави дека Мичел бил „вреден и ефикасен“, како и дека бил „добар пријател на американските сојузници и партнери во Европа.“
Мичел за Вашингтон Пост, кој прв објави за неговото заминување од Министерството за надворешни работи, изјави дека заминува поради семејни причини за што повеќе време да помине со своите деца, а не поради несогласување со политиката на администрацијата.
Сепак, неговата оставка доаѓа во момент на несогласување меѓу Вашингтон и Европа околу трговијата, трошоците за одбрана и американското повлекување од нуклеарниот договор со Иран.