В четврток вечер ратификација на Договорот од Преспа

Архивска фотографија: Грчкиот парламент

В среда во 10 часот по локално време започнува расправата во грчкиот Парламент за ратификација на Договорот од Преспа, а гласањето ќе биде в четврток вечер, брифираат извори од грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.

Ова било одлучено на денешниот состанок на претседателот на грчкиот парламент со неговите заменици.

Според истите информации, пленарната седница и во среда и в четврток ќе започне во 10 часот наутро по локално време, а ќе трае во зависност од бројот на пратеници кои ќе се пријават за збор. Доколку има голем број заинтересирани пратеници за дискусија, би можело да трае и до 2-3 часот наутро.

Денеска во 17 часот по локално време започнува со работа парламентарната Комисија за национална одбрана и надворешни работи која ќе го разгледа нацрт-законот според кој се ратификува и стапува во сила Договорот од Преспа.

Доколку има потреба, комисијата ќе одржи седница и утре.