Во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжува судењето за настаните на 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија, против 18-темина неамнестирани од првично 33 обвинети.
Судскиот процес се наоѓа во завршна фаза и на денешното рочиште се очекува обвинителката Вилма Рускоска да изврши промена на обвинителниот акт согласно Законот за амнестија и да се започне со изнесување завршни зборови.
Минатото рочиште беше одложено за, како што соопшти судијката Добрила Кацарска, да има доволно време Апелација да одговори на жалбите на одбиените барања за амнестија и тие да станат правосилни.
Судењето за случајот „27 април“ почна во август минатата година против вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување, а со Законот за амнестија беа помилувани 15 обвинети.