На протестот во Атина десетици повредени и приведени

протест во Атина, 20 јануари 2019 година

Во инцидентите во делот околу грчкиот Парламент синоќа во Атина, за време на протестот против Договорот од Преспа, повредени се најмалку 40 лица од кои 25 полицајци, еден фоторепортер и еден снимател, а приведени се 12 лица, од кои седуммина се уапсени, јави дописничката на МИА од Атина.

Нередите започнаа половина час по официјалниот старт, кога група маскирани лица, веројатно радикални десничари и припадници и поддржувачи на Златна зора, се обидоа да го пробијат полицискиот кордон и да влезат во грчкиот парламент. Со разни предмети, дрва, боја, пиротехнички материјали, ја нападнаа полицијата која, за да спречи упад употреби солзавец и шок бомби. Инцидентите набргу се проширија во целиот дел пред Парламентот, но и по околните улици, а не ги прекина ниту дождот. Маскираните лица успеаја да скршат и дел од заштитната ограда пред парламентот, а фрлија и молотови коктели. Полицијата континуирано одговараше со солзавец.

По судирите меѓу маскираните лица и полицијата, што траеја околу три часа, ситуацијата пред грчкиот Парламент се смири, протестот заврши, граѓаните си заминаа, а во центарот на Атина дојдоа возила на општинската комунална служба за да ги исчистат улиците од мермерот, камењата, предметите, шишињата, но и остатоците од солзавецот и шок бомбите.

Од грчката полиција соопштија дека на вчерашниот протест во центарот на Атина учествувале околу 60 илјади лица, а во грчката престолнина пристигнале вкупно 326 автобуси од цела Грција.