Продолжен зимскиот распуст за два дена поради загадувањето

Поради континуирано зголемените концентрации на загадувачки честички во воздухот во повеќе градови во Македонија, како и метеоролошките прогнози за следните денови, Владата, покрај серијата мерки со кои се веќе задолжени надлежните министерства, донесе итна мерка за продолжување на траењето на зимскиот распуст, соопшти Владата.

„Одлуката се однесува на сите ученици од сите јавни и приватни основни и средни училишта во Македонија, а истата е донесена преку итна координација на Министерството за образование и наука, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за здравство“, стои во владиното соопштение.

Продолжување на траењето на зимскиот распуст за сите ученици ќе трае во времетраење од два дена, заклучно со вторник, 22 јануари 2019 година.