Пријавени вкупно 75 случаи со симптоми на морбили

Вкупно 75 случаи со симптоми на морбили (мали сипаници) се пријавени заклучно со вчерашниот ден. За 65 од нив е добиена лабораториска потврда, соопшти денеска Министерството за здравство.

Возраста на заболените се движи од осум месеци до 42 години. Најголем број од заболените припаѓаат на возрасната група од една до четири години, а пет деца се на возраст до една година. Во возрасната група над 20 години се заболени 18 лица (27,7 отсто). Во однос на полот, 34 случаи (52,3 отсто) се женски лица.

Според вакциналниот статус, 55 лица, односно 84,6 отст од заболените се невакцинирани или се со непознат вакцинален статус. Од невакцинираните деца, пак, пет деца се навозраст под 12 месеци и не подлежат на вакцинација, согласно Календарот за имунизација.

Од вкупниот број заболени, 42 случаи (64,6 отсто) биле хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје. Кај 15 од нив (23,1 отсто) се регистирани компликации, од кои најголем број, односно 12 (80 отсто) се кај деца на возраст до четири години.