Украина притвори „просепаратистичка“ новинарка

Илустрација: Службата за безбедност на Украина.

Властите во Украина велат дека притвориле новинарка обвинета за поткопување на територијалниот интегритет на земјата.

Службата за безбедност (СБУ) денеска соопшти дека Олена Бојко, која овој месец беше депортирана од Русија, дистрибуирала „анти-украински материјали“ на интернет од 2014 година, кога Москва нелегално го анектираше украинскиот Полуостров Крим.

Русија исто така ги поддржува сепаратистите во источните украински региони Доњецк и Луганск, во конфликтот во кој загинаа повеќе од 10.300 луѓе од април 2014 година.

Во соопштението, СБУ наведува дека Бојко во август влегла на територија под контола на сепаратистите, пред да влезе во Русија каде, како што се вели, јавно повикала на промена „на границите на Украина или на нејзината државна структура.“

Во декември, Бојко беше казнета од судот во Москва по обвинение дека ги прекршила руските регулативи за миграција, по што беше наредено да биде депортирана.

Пред пресудата, Бојко учествуваше во телевизиски емисии во кои остро ги критикуваше украинските власти и изразуваше поддршка за сепаратистите во Украина.

Нејзината адвокатка во Русија, Галина Перфилева, изјави дека нејзината клиентка била вратена во Украина на 16 јануари и оти Бојко неколку пати побарала политички азил во Русија, но нејзините барања биле одбиени.