Џафери: Не чувствувам одговорност, му дадов доволно време на Иванов да ги потпише указите

Претседателот на Собранието Талат Џафери

Претседателот на Собранието Талат Џафери на прес конференција за новинарите изјави дека не чувствува одговорност за тоа што ги потпишал указите за законот за употреба на јазиците и законот за ратификација на договорот од Преспа по што истите беа и официјално објавени во Службен весник, без потписот на претседателот на државата Ѓорге Иванов.

“Не чувствувам одговорност, јас постапив според моите надлежности. На претседателот му оставив доволно време за двата указа. За првиот имаше една година, за вториот шест месеци, но сепак тој не го искористи своето уставно право. Може да се смета дека е злоупотребена службената должност со нетпотпишувањето на законот од страна на претседателот. Според членот 8 од Уставот направена е поделба на власта на законодавна, извршна и судска. Претседателот е дел од извршната власт и не може да се меша во делот на законодавната власт и да не ја исполнува својата обврска," изјави Џафери.

Откако претседателот Иванов испрати соопштение до јавноста во кое побара кривична одговорност за постапката, Џафери рече дека претседателот Иванов ги помешал работите на крајот на својот мандат и дека законодавната власт е таа што може да побара одговорност од претседателот, а не обратно.

На новинарско прашање за тоа дали е можно да се побара импичмент на претсдателот Иванов, Џафери посочи дека за тоа се надлежни пратениците и дека само тие можат да достават таква иницијатива.

Првиот човек на Собранието рече дека најверојатно претседателските избори ќе бидат распишани на 8-ми февруари, со што првиот круг би се одржал на 21 април, а вториот на 5-ти мај. Во врска со барањето на опозицијата за предвремени избори, Џафери истакна дека тоа не е најдобра идеја во овој период за Македонија, но дека тоа е сепак одлука на политичките партии.