Вучиќ: Изборите зависат од опозицијата

Српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека евентуалното одржување предвремени избори зависи од опозицијата и дека тие ќе се случат, ако го побараат тоа. Тој рече дека не го интересираат критиките на социјалните мрежи поради најавата за заострување на казнената политика против криминалците и додаде дека ова нема никаква врска со можните вонредни избори, јави дописникот на МИА од Белград.

“Тие сакаа да кажат дека сето ова е поради изборите. Изборите зависат само од нив. Еден збор да кажат и тие ќе се одржат, рече Вучиќ и додаде дека убедливо ќе победи.

Тој одби да ги коментира тврдењата на лидерот на Народната партија, Вук Јеремиќ, дека премиерката Ана Брнабиќ планира да поднесе оставка по посетата на Путин во Белград. Одговарајќи на новинарски прашања оцени дека никогаш не му кажал на некој претставник на опозицијата дека е предавник.

Коментирајќи ги најавите на Приштина за можното воведување нови мерки кои вклучуваат забрана на движењето на возила од Србија во Косово, Вучиќ оцени дека Приштина ќе ја ослабне својата меѓународна позиција „што и да направи“.