Oбвинителката на Врховниот суд на Грција, Ксени Димитриу нареди да се спроведе кривична истрага за заканувачките пораки што биле испраќани до пратеници кои го поддржуваат Договорот од Преспа.
Интервенцијата на обвинителката е да се утврди дали има прекршување на личните податоци и повици за извршување кривично дела, а доаѓа по написите во грчките медиуми, но и по јавно изнесените ставови на дел од пратениците.
По завршувањето на гласањето во македонското Собрание, од петокот вечерта, на социјалните мрежи во Грција се појави фотографија со порака од член на префектуралниот административен комитет на Нова демократија испратена до членови и симпатизери на опозициската партија од кои бара да им се закануваат на пратениците кои што се подготвени да гласаат за Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.
"Им се јавуваме или им праќаме порака на оние што се чини дека се подготвени да ја поддржат владата што ќе ја предаде нашата Македонија. Им велиме дека ова нема да се заборави. Да не се осмелат да ја предадат Македонија", пишува во пораката според она што е објавено на социјалните мрежи.
Дел од пратениците, за грчките медиуми потврдија дека добивале закани преку телефон, а реагираа и од кабинетот на Ципрас, од каде што велат дека станува збор за антидемократска пракса.