Заев - По походот за името, следува економски поход

Премиерот Зоран Заев, еден ден по гласањето за Договорот за името со Грција, за како што рече, историскиот момент им се заблагодари на пратениците за големата и одговорна одлука. Тој вели дека знае колку носењето на таа одлука било тешко и вели дека ја разбира и горчината, но и гордоста.

„Да се прифати овој договор значи горчината да се остави во минатото, и со гордост да гледаме во иднината, напишавме историја и ги отвориме страниците на иднината“, рече Заев.

Тој вели дека Договорот ќе значи дека кон НАТО и ЕУ, Северна Македонија ќе пристапи како полноправна членки. А како нивна членка ќе се гарантира безбедноста, стабилност, а земјата ќе биде и економски силна.

„Одлуката во Парламентот е одлука против изолација, несигурност и сиромаштија, одлука што им дава сила на младите да бидат рамо до рамо со европските врсници“, вели тој.

Тој очекува Договорот да биде ратификуван и од грчкиот Парламент, а потоа Грција да го потпише протоколот за пристапување кон НАТО, за да бидеме 30 членка на Алијансата. Заев вели дека со решавањето на спорот со Грција, нашата земја веќе нема отворено прашање со соседите.

„Креиравме модел за решавање спорови со кој го добивме симпатиите од меѓународните партнери“, вели премиерот Заев.

Потоа се осврна и на помирувањето дома и на домашните задачи, на кои вели дека сега целосно ќе им се посветат.

„Ја подготвивме почвата и засадивме семе, но секој знае дека тоа е само чекор до плодна жетва и резултати“, вели Заев.

Вели дека сега ќе тргнат кон нов економски поход за да го обезбедат она што го ветуваа - подобар живот, подобри можности и фер општество.

Тој вели дека очекува министрите да работат понапорно и пефокусирано за да го направат животот подобар, оти како што вели граѓаните нема да прифатат одолговлекувања, а нема да прифател ни тој.

Премиерот се обрати и до опозицијата, побара од нив постојано да ја потсетуваат власта на своите одговорности, но и опозицијата да не попречува и да биде одговорна.

Што се однесува до повикот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени избори, Заев рече дека тоа прашање ќе се отвори на партиските тела и за тоа ќе се разговара.