Собранието ги усвои уставните измени

Собраниска седница за уставни измени 9 јануари 2019 година

Македонскиот парламент ги усвои уставните амандмани со двотретинско мнозинство согласно Договорот од Преспа според кој Република Македонија ќе се преименува во Република Северна Македонија.

Ова доаѓа по тридневните преговори меѓу премиерот Зоран Заев и пратениците кои се противат на промената.

Претходно Владата постигна договор за уставните измени со новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и со пратениците на Беса на Биљал Касами.

Влада на Република Македонија и партијата БЕСА на Касами испратија заедничко соопштение за постигнатиот договор со кој се надминати разликите околу уставните амандмани.

„Уште еднаш потврдуваме дека државјанството е македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, при тоа прифатен е амандман на Уставниот закон со кој се потврдува државјанството македонско/граѓанин на Република Северна Македонија и се појаснува како ќе гласи за граѓаните Албанци на албански јазик, и ќе се утврди во сите закони каде што е тоа потребно.

Истовремено, како што се наведува во соопштението се прифати амандманот на уставниот амандман XXXVI со кој се потврдува дека Републиката подеднакво води грижа за дијаспората на сите свои граѓани.

Дополнително во законот за лична карта ќе се впише и етничката припадност на граѓаните.

Во соопштението на владата и новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ се нагласи дека е добиен максимално можно добар текст на уставните амандмани и уставниот законик за спроведување на договорот од Преспа, со што уште еднаш се потврдува македонскиот идентитет, внатрешна примена на договорот од Преспа и стапувањето на сила на уставните амандмани.

Мала група демонстранти сé уште протестираат пред Собранието во Скопје.