Двотретинско мнозинство за усвојување на уставните измени се уште нема, изјави вечерва премиерот Зоран Заев во интервју за Сител и додаде дека тоа ќе се знае на самиот чин на гласање. Сепак изрази верување дека целиот процес ќе помине и во Македонија, но и во соседна Грција, бидејќи двете земји сакаат конечно да се стави крај на речиси тридеценискиот спор.
Појасни дека секој амандман се утврдува со обично мнозинство, потоа се отвора општиот претрес, па претресот по текстови и секој амандман поединечно се гласа со двотретинско мнозинство. Потоа се гласа за сите амандмани заедно со двотретинско мнозинство и на крајот се отвора уставниот закон, за чие усвојување исто така е потребно двотретинско мнозинство.
Нагласи дека барањата на Алијансата за Албанците биле од технички аспект и тие се прифатени, а во однос на останатите барања, за кои се разговара, појасни дека се бара најдоброто решение за граѓаните од албанско етничко потекло.
“Во однос на останатиот дел за кој се разговара апсолутно се бара решение, затоа што во државјанството пишува македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, да не бидат номинирани како Македонци оти се Албанци, а сепак се граѓани на Република Северна Македонија или досега Република Македонија. Во една ваква констелација верувам дека ќе изнајдеме решение, тука се бара начинот”, истакна Заев.
Во врска со незадоволството на оние кои протестираат, на опозицијата, на дијаспората, Заев вели дека е мала бројката на оние кои се противат, а опозицијата која не го прифаќа ова решение, додава тој, не нудела никаква алтернатива.