Адвокатската комора на Косово денеска стапи во генерален штрајк, откако не беше исполнето нејзиното барање за укинување на одлуката на Судскиот совет на Косово, со која на сите судови им се наредува да не им дозволуваат пристап на адвокатите без покана или без дозвола од судија.
Оценувајќи дека таквата одлука е неприфатлива и дека претставува „газење на основните принципи за пристап до правдата“, Комората претходно побара повлекување на одлуката до 8 јануари, наведувајќи дека во спротивно нејзините членови ќе стапат во генерален штрајк.
Медиумите пренесоа дека се одложени сите рочишта кои за денеска беа закажани во косовската Палата на правдата.