Средба Ципрас-Каменос за иднината на грчката Влада

Грчкиот премиер Алексис Ципрас

Коалициските партнери во грчката Влада, Алексис Ципрас и Панос Каменос веројатно в петок ќе одржат средба за иднината на нивната соработка, на која, како што се приближува моментот кога Договорот од Преспа ќе стигне на грчки терен, се чини дека ѝ се гледа крајот, јави дописничката на МИА од Атина.

Иако се споменуваше дека средбата ќе се одржи во текот на вчерашниот ден, пред состаноците на партиските органи на Независни Грци закажани за денеска, според медиумите во Грција, посетата на Меркел на Атина ги одложи разговорите на Ципрас и Каменос за 48 часа.

Иако се споменуваше дека можеби денеска Каменос ќе го соопшти повлекувањето од Владата, сепак како што објавуваат медиумите во Грција, на денешните состаноци на парламентарната група и на Извршниот комитет на Независни Грци, тој со неговите министри и пратеници ќе разговара за следните потези што планира да ги направи како лидер на партијата во пресрет на ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот Парламент.