Белен: Европското семејство е нецелосно без западен Балкан

Австрискиот претседател, Александар ван дер Белен

Австрискиот претседател, Александар ван дер Белен, изрази уверување дека европското семејство ќе биде целосно само со вклучување на земјите од Западен Балкан и истакна дека тековната година ќе биде важна за ЕУ. Ван дер Белен на годишниот прием за дипломатскиот кор рече дека Австрија се залага за приклучување кон Унијата на шесте земји од Западен Балкан.

Покрај тоа, тој во своето обраќање кажа дека се надева дека повлекувањето на САД од Сирија нема да доведе до заострување на граѓанската војна. Ван дер Белен го критикуваше национализмот, унилатерализмот, отстапувањето од универзалните правни норми, повлекувањето од меѓународните договори, американската политика за климатски промени.

Покрај критиките на Соединетите Американски Држави, тој се заложи за конструктивен дијалог со Москва. Ван дер Белен оцени дека 2019 година ќе биде важна година за ЕУ, укажувајќи на Брегзит, како и на дискусијата за иднината на Унијата, изборите за Европскиот парламент и формирањето нова Европска комисија.