Харадинај: Tаксата кон Србија нема да се укине

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај одби да ги коментира најавите на претседателот на државата Хашим Тачи за можноста да се укине таксата од 100 отсто на увозот од Србија и од Босна и Херцеговина, но нагласи дека одлуката за воведување на таа мерка ја донесе неговата Влада, јави дописникот на МИА од Приштина. Харадинај избегна да одговори на новинарското прашање за заложбите на Тачи за укинување на таксата, правдајќи се дека не го прочитал неговото интервју во „Вашингтон пост“.

Тачи деновиве изјави дека таксата кон Србија и БиХ може да се укине, „доколку на Косово му се отвори јасен пат кон постигнувањето конечен мировен договор со Србија“.

“Со ова за претседателот ме фативте во тесно, бидејќи не сум ги видел тие интервјуа. Чув дека бил и на ТВ Клан, но јас не сум ги видел и немам коментар. Ние го сакаме многу претседателот. Ние сме Влада и си ја работиме нашата работа”, изјави премиерот по средбата со министерот за трговија и индустрија Ендрит Шаља.

Харадинај нагласи дека нема намера сега да ги укинува санкциите кон Србија и БиХ, но оти тоа ќе го стори веднаш, доколку Белград ја признае независноста на Косово.