Мицотакис на Меркел ќе ѝ ја повтори позицијата на Нова демократија за Преспанскиот договор

Кирјакос Мицотакис, претседател на грчката партија Нова Демократија

Во пресрет на посетата на Ангела Меркел на Атина, која освен со претседателот и премиерот на Грција ќе се сретне и со лидерот на Нова демократија, портпаролката на грчката опозициска партија, Мариа Спираки, вели дека Мицотакис на германската канцеларка ќе ѝ ја повтори позицијата на неговата партија во однос на Договорот од Преспа.

“Госпоѓата Меркел ги знае позициите на Нова демократија за прашањето за Скопје и господинот Мицотакис ќе ги повтори овие позиции на средбата што ќе ја имаат: Нова демократија нема да го ратификува Договорот од Преспа ниту во актуелниот, ниту во следниот Парламент во кој ќе има мнозинство. Мислам дека е јасно дека господинот Мицотакис она што го кажува јавно го кажува и на средбите”, рече Спираки на денешниот брифинг со новинарите, а пренесе дописничката на МИА од Атина.

Одговарајќи на прашање поврзано со ратификацијата на протоколот за членство во НАТО, портпаролката на Нова демократија објасни дека двата процеси се поврзани и паралелни.

“Ако не се ратификува Договорот од Преспа, не постои договор. Несогласувањето на Нова демократија со Договорот од Преспа е во срцето на овој случај. Се однесува на национален интерес. Се однесува на прашањата на јазикот и идентитетот на граѓаните на соседната земја. Во реалноста, господинот Ципрас го прифати она што не го прифатија премиерите во изминатите децении”, порача Спираки додавајќи дека ова е причината зошто тие нема да го ратификуваат договорот.

Портпаролката на Нова демократија, истакна дека актуелната грчка Влада, штом Панос Каменос си замине, ќе треба да побара доверба од Парламентот.