Спасеното бебе во Русија почна да дише без апарати

Руските спасувачи го најдоа бебето 35 часа по несреќата

Бебето, кое беше пронајдено живо од спасувачите во урнатините од срушената зграда во рускиот град Магнитогорск, се освести. Машкото беше поминало околу 35 часа во урнатините на температури под нулата, откако станбената зграда се урна, најверојатно по експлозија на гас.

Руската министерка за здравство Вероника Скворцова денеска изјави дека 10-месечниот Иван Фокин почнал да дише без респиратор и дека докторите во клиниката во Москва го исклучиле системот за одржување во живот.

Бебето Иван претрпело повреди на черепот, скршеници, дисфункција на бубрезите, дехидрација и хипотермија.

Бебето беше извлечено од урнатините на 1 јануари. Експлозијата се случи ден претходно, а во уривањето на зградата загинаа 39 лица.

Властите се сомневаат дека до експлозијата дошло поради истекување на гас за готвење.