Стабилноста и меѓународниот статус што ги носи членството во НАТО, влијаат на одлуките за инвестиции, како на домашните, така и на странските инвеститори, вели во интервју за месечникот ЗАМАН министерот за финансии Драган Тевдовски, говорејќи за очекувањата за економски раст.
Тој, како што соопшти Министерството за финансии, вели дека искуствата од другите земји покажуваат висок раст на странските директни инвестиции по влезот во НАТО. Ако се земе просек од пет години пред и по пристапувањето на Бугарија и Албанија, кои ни се соседи, се забележува неколкукратен раст на странските инвестиции, вели Тевдовски.
Во интервјуто Тевдовски зборува и за оценките на економијата во 2018 година. Тој посочува дека е зголемена просечната плата, намалена е невработеноста, се враќа довербата на инвеститорите, зголемен е извозот, расте индустријата, но и услужниот сектор. Министерот посочува дека во второто и третото тримесечје економијата забележува солидни остварувања на бруто-домашниот производ со три отсто раст. Она што е исклучително важно, вели Тевдовски, е што овој раст е генериран од приватниот сектор.