Јовески - Груевски не излегол од Македонија на официјален граничен премин

Љубомир Јовески, државен јавен обвинител

Поранешниот премиер Никола Груевски територијата на Република Македонија ја нема напуштено на кој било граничен премин. Сослушани се и сведоци, но за да не наштетам на предистражната постапка други детали не можам да откривам, вели во интервјуто за МИА, државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

„Обвинителството презема повеќе дејствија за обезбедување докази, како што веќе соопштивме. Побарани се докази по меѓународна правна помош од надлежните органи на Република Албанија и Република Црна Гора. Добиени се снимките од безбедносните камери на патиштата, наплатните рампи, граничните премини, како и околу домот на поранешниот премиер“, истакнува Јовески.

Обвинителството, како што додава, ја анализира содржината на прибавените докази, а истовремено очекува да се добијат и доказите од Албанија.

„При тоа Обвинителството не утврдува дали има пропусти на одредени институции, туку дали има кривично-правни дејствија од некои лица за овозможување на бегството. Надлежните институции, во рамките на нивната внатрешна организација, треба да утврдат дали и каква одговорност имало во нивното постапување и надлежност“, посочува државниот јавен обвинител во интервјуто за МИА.

Во врска со амнестијата за учесниците во настаните на 27 април во Собранието, Јовески вели дека тоа е политички чин и не го коментира.