Двајца браќа избегаа од затвор во Атина

Со кука и импровизирано јаже, двајца затвореници вчера побегнале од атинскиот затвор „Коридалос“. Претходно ги пресекле решетките од ќелијата, стигнале до мал надворешен дел од затворот каде што немало чувари и со помош на кука и импровизирано јаже го прерипнале надворешниот ѕид во висина од околу шест метри и излегле од затворот, јави дописничката на МИА од Атина. Според грчките медиуми, станува збор за двајца браќа Албанци, осудени за кражби, а бегството, кое е регистрирано и на безбедносните камери, се случило вчера во 20:40 часот по локално време. При пребројувањето на затворениците утрово било забележано дека две лица се отсутни, по што било откриено дека двајцата Албанци побегнале, а биле пронајдени и јажето и куката. Грчката полиција трага по двајцата затвореници.