Шестмина загинати во железничка несреќа во Данска

Железничка несреќа на мостот меѓу централните острови Шеланд и Фин во Данска

Шест луѓе денеска загинаа во железничка несреќа во Данска, соопштија данските железници.

Медиумите претходно објавија дека, поради силниот ветар, покривот на композиција на товарен воз се откорнал и удрил во патнички воз кој наишол од спротивен правец патувајќи кон Копенхаген. До инцидентот дошло на мост меѓу централните острови Шеланд и Фин.

Поради невремето, на спасувачките служби им е отежнато да стигнат со местото на несреќата.

Мостот, долг 18 километри, е затворен и за возови и за автомобили кон островот Фин, а кон Шеланд беше отворен за автомобилски сообраќај. Преку мостот секој ден поминуваат 27 илјади возила, а околу 21 илјади патници дневно се превезуваат со воз. Мостот е дел од инфраструктурата која ја поврзува Данска со Шведска и со Германија.

Железничките несреќи со смртни последици се ретки во Данска, која има високо развиена железничка мрежа.