Сомалиската влада го протера пратеникот на ОН поради мешање во внатрешните работи

Илустрација: Уништени возила по експлозија во главниот град на Сомалија, Могадишу, на 9 ноември 2018

Сомалиската влада му нареди на пратеникот на ОН да ја напушти земјата, обвинувајќи го за „намерно вмешување“ во внатрешните работи на Сомалија.

Владата ја донесе оваа одлука само неколку дена откако претставникот на ОН, Николас Хејсом, изрази загриженост поради акциите на сомалиските служби за безбедност во неодамнешните насилства во кои имаше повеќе загинати.

„Специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН за Сомалија, Николас Хејсом, повеќе не е добредојден и веќе не може да работи во Сомалија“, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи.

Мисијата на ОН во Сомалија не ја коментира оваа одлука.

Хејсом, јужноафрикански адвокат и искусен дипломат, е во Сомалија од септември 2018 година, а претходно беше пратеникот на ОН за Судан и Јужен Судан.