Министерот за надворешни работи Никола Димитров вели дека со Договорот од Преспа е постигнато најдоброто за Македонија, секако и за Грција и дека е направен баланс.
„Договорот е најдоброто можно решение за двете страни и ако се помести балансот за да биде подобар за едната или за другата страна, нема да има договор, туку национални позиции“, вели Димитров во интервју за МИА.
Тој за процесот на уставни измени во Собранието вели дека моментот е истористи и со тоа се наметнува потреба од голема мудрост, одговорност и визија од сите засегнати чинители да го препознаат и да ја сторат вистинската работа
„Одговорноста се префрли во Собранието, создавајќи дополнителен предизвик и обврска при обезбедувањето политичка поддршка за Договорот, да не се загрозат други суштински принципи – исто толку неопходни за иднината и европските перспективи – како што се правдата и одговорноста. Таа линија е тенка, но клучна и суштинска“, вели министерот за надворешни работи.
Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров смета дека за неколку години отсега со исправни политики и отвореност огромно мнозинство од граѓаните на Македонија и Грција ќе го постави прашањето „Зошто ова не го сторивме порано?“. Со Договорот од Преспа, вели Димитров се отвораат можностите конечно по долги години, да почнат разговори за реални теми и прашања од секојдневниот живот на граѓаните.