ЈОРМ- Амнестија за 16 лица од 66 кои поднесоа барање

Архивска фотографија- зградата на Јавното обвинителство на Република Македонија

Обвинителствата дадоа позитивно мислење за амнестија на 16 луѓе од поднесените 66 барања, информира денеска Јавното обвинителство. До основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал, кое го води случајот „27 април“ за терористичко загрозување на уставниот поредок, пристигнале 29 барања за амнестија, а ова обвинителство оценило дека 15 од нив се согласно законот. До Основното јавно обвинителство Скопје, пак, пристигнале 37 барања за амнестија, но дале позитивно мислење само за еден барател. Во случајот „27 април“, кој го води обвинителството за организиран криминал, се обвинети 33 лица, од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок и двајца за помагање. Претходно седум лица беа осудени на затворски казни од 10 до 13 години за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села, а двајца беа осудени за насилство.

Апелациониот суд Скопје во јуни ги преиначи условните казни за девет лица за учество во толпа за време на настаните од 27 април минатата година, во казна ефективен затвор, а имаше и осудени за кривично дело „насилство“. Според законот, осудените, обвинитети или осомничени за кривични дела поврзани со насилствата во Собранието на 27 април минатата година може да поднесат барање за амнестија до Кривичниот суд. Судот потоа бара мислење од обвинителствата, а потоа донесува одлука кој може да биде амнестиран.

Според законот, не може да бидат амнестирани организаторите и оние кои учествувале во подготовката, насилниците, оние што носеле оружје и експлозивни направи и службените лица кои постапиле спротивно на нивните овластувања. Претседателот на Основниот суд Скопје 1, Иван Џолев, вчера рече дека досега се амнестирани 12 луѓе.