Власта предлага секој директор да добие и заменик

Илустрација

Пратеници од СДСМ и ДУИ предлагаат сите јавни претпријатија основани од владата, освен директор, да добијат и функција заменик-директор. Ова се предвидува во предлог-измените на Законот за јавни претпријатија, кои ги поднесоа пратениците Александар Кирацовски и Благојче Трпевски од СДСМ и Реџаил Исмаили од ДУИ.

Според предложените измени, замениците ќе ги водат претпријатијата во отсуство на директорите, додека досега директорите за тоа определуваа вработен во претпријатието.

Предлогот треба да се разгледува денеска на Законодавно-правната комисија во Собранието. Тие предлагаат измените да се донесат по скратена постапка, зашто не се работи за сложен и обемен закон.

Пратеникот Влатко Ѓорчев, на седницата за пратенички прашања, рече дека ова е уште едно партиско пазарење поради кое граѓаните ќе треба да издржуваат „куп партиски војници“.

„Воведувате стотици нови функционери кои ќе добијат возачи, телефони, секретари, бенефиции. Ова е срамен предлог“, рече тој.

Премиерот Зоран Заев, пак, одговори дека со овие измени ќе се подобрат услугите за граѓаните.

„Ваквите трошоци се минорни во однос на потребите на граѓаните. Не треба да се прави јавна фама од ова. И овој процес ќе биде транспарентен и согласно реформите во јавната администрација“, рече Заев.