Собранието на денешната 77-седница на предлогот на Владата ги разреши Аксел Ахмедовски од функцијата министер без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија и Аднан Ќахил од функцијата министер без ресор задолжен за странски инвестиции во Владата.
Премиерот Зоран Заев, во образложение на предлогот рече дека разрешувањето е исклучиво од политички причини и по одлука на двата коалициони партнери во Владата.
„Јас сум задоволен од работата на министрите и верувам дека и во иднина ќе изнајдеме начин како да продолжи таа соработка“, рече Заев.
Пратеникот Илија Димовски, рече дека образложението не е добро и потребно е разрешувањето да биде врз основа на анализа за нивната работа.