Прекината воената состојба во Украина

Украинскиот претседател Петро Порошенко

Украинскиот претседател Петро Порошенко објави крај на воената состојба во источните делови на земјата, која беше воведена минатиот месец, откако Русија заплени три украински воени брода и ги уапси посадите во Црното Море.

Порошенко рече дека ја донел одлуката „врз основа на анализа на сите компоненти на безбедносната ситуација во земјата“.

Украинскиот парламент на 26 ноември го прифати барањето на Порошенко за воведување воена состојба, откако руските сили ги запленија украинските бродови во близина на Керчскиот Теснец. Уапсените 23 морнари сè уште се во притвор во Русија.

Тој инцидент дополнително ги засили тензиите меѓу Русија и Украина, кои почнаа со руската анексија на Крим во 2014 година, а потоа и руското мешање во конфликтот во источна Украина.