Путин наредниот месец доаѓа во Белград

Српскиот претседател Александар Вучиќ и рускиот претседател Владимир Путин

Се очекува рускиот претседател Владимир Путин наредниот месец да го посети Белград, потврди денеска портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.

„Подготовките за посетата на Србија на претседателот се во тек. Посетата е планирана за јануари“, рече Песков.

Српскиот претседател Александар Вучиќ претходно изјави дека очекува Путин да го посети Белград на 17 јануари.

Двајцата претседатели последен пат се сретнаа на 2 октомври годинава во Москва.

Рускиот вицепремиер Јури Борисов претходно најави дека за време на посетата на Путин на Белград може да биде потпишан договор за основање нуклеарен центар во Србија. Белградските медиуми веќе пишуваа дека за време на посетата може да бидат потпишани дваесетина договори и дека претседателите ќе разговараат за реализација на заеднички проекти во енергетиката, инфраструктурата и иновациите.