Поднесени 12 барања за амнестија до Кривичниот суд

Демонстрантите влегоа во Собранието и предизвикаа насилства на 27 април 2017

До утрово до Кривичниот суд во Скопје се пристигнати 12 барања за амнестија од обвинетите за насилствата во Собранието од 27 април 2017 година, потврдија за МИА од Судот. Петдневниот рок за доставување на барањата за амнестија истекува утре. Барањата обвинетите можат да ги доставуваат до Судот лично и по пошта. По истекот на рокот за поднесување на барањата, Судот и Обвинителството ќе имаат рок од пет дена да одговорат кој ќе биде помилуван, а кој не.

Законот за амнестија во четвртокот минатата недела беше објавен во Службениот весник на Република Македонија, откако на него беше ставен потпис од претседателот Ѓорге Иванов.

Македонското Собрание на 18-ти овој месец по скратена постапка со 95 гласа „за“, без против и воздржани го донесе Законот за амнестија за насилствата од 27 април. Согласно Законот, амнестијата нема да ги опфати организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања.

Секој од обвинетите за „27 април“ има право да поднесе барање за амнестија, ако смета дека ги исполнува условите пропишани со Законот.

За насилства од 27 април се обвинети вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.

На обвинителната клупа се пратеници, полициски службеници, вработени во Собранието, членови на патриотските здруженија и водачите на иницијативата „За заедничка Македонија“.