Најстуден град во Макдонија утрово е Берово со измерени шест степени под нулата во 7 часот, а највисока снежна покривка од 19 сантиметри има на Попова Шапка, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи. Во Маврови Анови има седум сантиметри снег, во Берово 3 и во Крива Паланка два сантиметра снежна покривка. Во котлините преку ноќта и утринава има појава на магла. На запад и особено на повисоко дува умерен западен ветер. На северот и на југозападот има зголемена облачност.
УХМР информира дека по котлините претпладне ќе има појава на магла и ќе се задржи постудено. Преку денот сончево особено на повисоко и со мала до умерена облачност поголема во западните делови. Ќе дува поизразен западен ветер во западните делови од земјата. Максималната температура ќе биде во интервал од 2 до 10 степени.
Во Скопје претпладне ќе биде облачно и магливо, преку денот маглата краткотрајно ќе се намали. Максималната температура ќе достигне 2 степена.