Каталонските демонстранти, гневни што шпанската влада заседава во главниот град на нивниот регион, ги блокираа главните и десетици други патишта во Каталонија и предизвикаа пореметувања во сообраќајот. Поддржувачите на независноста на Каталонија се собраа на протест против одлуката на шпанскиот премиер Педро Санчес да одржи владина седница во Барселона.
Протестот го поддржа регионалната каталонска влада, предводена од сепаратистичките партии, и покрај договорот кој го постигна со централната влада во Мадрид за заедничка работа на решавање на политичката криза, која ескалираше со ланскиот обид за прогласување независност на Каталонија.
Санчес и каталонскиот претседател Ким Тора, по вчерашниот состанок, објавија заедничко соопштение во кое повикуваат на дијалог со цел решавање на судирите за иднината на Каталонија. Големи полициски сили ја обезбедуваат зградата во која се одржува седницата на шпанската влада.