Рускиот медиумски регулатор Роскомнадзор соопшти дека започнал со проверка на легалноста на работењето на светскиот канал на Би би си во Русија, како и на интернет страницата на Би би си, откако британското тело за медиуми Офком ја обвини руската телевизија РТ за прекршување на правилата на непристрасност.
Роскомнадзор денеска соопшти дека целта на проверките е да се утврди дали содржината на Би би си е во согласност со руските закони.
Офком вчера соопшти дека размислува за изрекување санкции против РТ, образложувајќи дека државната руска телевизија ги прекршила правилата за непристрасност во седум емисии годинава, вклучувајќи го и известувањето за труењето на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка во Англија. Според Лондон, зад труењето стојат двајца агенти на руското воено разузнавање, но Кремљ негира.