Европската комисија го поддржа носењето на Законот за амнестија

Демонстрантите упаднаа во Собранието на 27 април 2017 и тепаа пратеници

Европската комисија денеска го поздрави усвојувањето на Законот за амнестија за насилствата во Собранието на 27 април минатата година, оценувајќи го како можност за помирување на општеството.

„Овој процес е клучен за градење национален консензус за стратегиските прашања во интерес на земјата. ЕУ очекува усвоениот закон да не се меша во независноста на судството, кое самостојно треба да одлучи за тоа кој сè бил вклучен во организирањето и извршувањето насилства, како и за тоа кој не ги исполнил своите службени обврски на 27 април 2017 година“, се наведува во пишаната изјава на портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчич.

Собранието синоќа, по скратена постапка, со 95 гласа „за“, без против и воздржани, го донесе Законот за амнестија за насилствата на 27 април минатата година. Согласно законот, амнестијата нема да ги опфати организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања.