Државните хартии од вредност од догодина ќе котираат на Берзата

Извршниот директор на Македонска берза Иван Штериев и министерот за финансии Драган Тевдовски

Државните хартии од вредност од наредната година ќе котираат на Македонската берза, со што стануваат подостапни за инвеститорите. Договорот денеска го потпишаа министерот за финансии Драган Тевдовски и извршниот директор на Македонска берза Иван Штериев. Тевдовски истакна дека со ова се следи европската пракса, но и примерите на сите развиени земји со функционален пазар на капитал.

„Се прави клучен чекор кон развивање на пазарот на капитал. Покрај добро развиениот примарен пазар, се развива секундарниот пазар на тргување. Од почетокот на 2019 година, државните хартии од вредност ќе станат достапни за повеќе инвеститори – како во земјата, така и во странство“, рече Тевдовски.

Директорот на Македонска берза Иван Штериев истакна дека со котацијата на државните хартии од вредност ќе се зголеми расположивата понуда на берзата. Тој појасни дека во првиот бран ќе котираат веќе издадени околу 130 државни обврзници со номинална вредност од 900 милиони евра, при што каматните стапки на издадените обврзници се движат од 0,9 до 5,3 проценти.