Американскиот Стејт департмент соопшти дека САД ѝ понудиле на Турција да ѝ продадат ракетен систем Патриот, вреден 3,5 милијарди долари. Конгресот е известен за понудата со цел зајакнување на воздушните и ракетни одбранбени способности на Анкара. Стејт департментот соопшти дека договорот „ќе придонесе за надворешната политика и за националната безбедност на САД со зајакнување на безбедноста на клучниот сојузник во НАТО во борбата против тероризмот“.
До оваа понуда доаѓа откако Турција најави дека го купува ракетниот систем С-400 од Русија.
Вашингтон се жалеше дека рускиот систем не е компатибилен со оружјето што го користат другите сојузници од НАТО.
Стејт департментот соопшти дека „понудената продажба ќе ја зајакне интероперабилноста на Турција со САД и со НАТО“.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со овој американски потег, портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, денеска рече дека рускиот договор за испорака на системот С-400 се исполнува без оглед на одлуката на Турција за американскиот ракетен систем Патриот.