Од руските желби до јапонските бродови

МАКЕДОНИЈА - Не мислам дека е некаква тајна оти руската влада е против македонското членство во НАТО, рече заменикот државен секретар на САД, Џон Саливан. Премиерот Зоран Заев, пак, вети дека нема да ги препуштат процесите поврзани со Договорот од Преспа на каква било случајност.

МАКЕДОНИЈА - До Собранието на Република Македонија во законскиот рок пристигнале седум амандмани на предлог-амандманите на Уставот и тоа два од Алијансата на Албанците, еден од Беса, еден од пратеникот од СДСМ Мухамед Зеќири и три од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Амандмани не поднеле пратеничките групи на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и СДСМ.

САД - Два извештаи подготвени за американскиот Сенат ја прикажуваат широко распространетата кампања спроведена од руски оперативци за да влијаат врз мислењето на американските гласачи во пресрет на претседателските избори од 2016 година. Двата извештаи беа подготвени за сенатскиот Комитет за разузнавање, кој го истражува руското влијание врз изборите на кои победи претседателот Доналд Трамп.

РУСИЈА - Кремљ ги отфрли како неосновани наводите дека Русија води кампања со дезинформации во САД преку социјалните мрежи.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Шефот на британската опозиција во парламентот Џереми Корбин поднесе барање за недоверба на премиерката Тереза Меј откако таа одби да организира гласање за спогодбата за Брегзитот пред идниот месец.

ВАТИКАН - Поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Франциск изјави дека политичките говори во кои се зборува против мигрантите и сиромашните се неприфатливи.

УНГАРИЈА - Пратеници на унгарската опозиција се собраа пред зградата на јавната телевизија во Будимпешта која ја обвинуваат за необјективност. До ова доаѓа како продолжување на протестите против новиот закон за труд кој ги ограничува правата на работниците и против политиката на премиерот Виктор Орбан.

САД - Претседателите на Србија и на Косово Александар Вучиќ и Хашим Тачи се соочија во Советот за безбедност на Обединетите нации неколку денови откако парламентот во Приштина гласаше за трансформирање на Безбедносните сили во оружени сили на Косово. Овој потег ги налути Србите на Косово и Белград, а предизвика и загриженост кај НАТО.

ЈАПОНИЈА - Јапонската влада го одобри петгодишниот план за одбрана, кој вклучува и набавка на два носачи на авиони, прв пат по завршувањето на Втората светска војна. Токио го правда тоа со сè поголемото воено присуство на Кина во регионот.