Харадинај во Брисел: Косово е измамено и разочарано од ЕУ

премиерот на Косово, Рамуш Харадинај

Канцеларијата за односи со јавност на Владата на Косово го објави попладнево интегралното обраќање на премиерот Рамуш Харадинај на состанокот на Комитето за Стабилизација и асоцијација (ССА), во кое тој го критикува Брисел за „небрежност“ и „нејаснотии во однос на европската перспектива на Косово“, јави дописникот на МИА од Приштина.

И покрај таквиот однос, Харадинај на состанокот на ССА во Брисел рече дека„Република Косово останува цврсто решена за зачленување во ЕУ како нејзин највисок приоритет, и продолжува непрекинато да работи за целосно исполнување на ССА и за почитување на заедничкиот договор“. Според косовскиот премиер, „Косово е динамично општество, кое има уште подинамична младина“, која постигнува завидни резултати, и покрај ограничувањата што ги има поради визните бариери. Тој нагласи дека, „иако Косово ги исполни сите 95 критериуми кои му беа зададени, како што беше потврдено и од Европската комисија во мај“, одговорот што го добива од ЕУ„е половичен и безнадежен“.

“Косово се чувствува измамено и разочарано од ЕУ. Нашите граѓани се ставаат во искушенија кои се над тоа што е оправдано и правично. Времето не е наш сојузник. Треба да видиме конкретен прогрес”, се посочува во обраќањето на Харадинај.

Косовскиот премиер нагласува дека Владата и тој лично никогаш не го довеле во прашање значењето на дијалогот со Србија и порача дека „никој во името на Косово не смее да зборува за промена на границата“.