По објавата на тајните документи од страна на Викиликс дека министерот за надворешни работи, Никола Димитров два пати бил заштитен извор на американската амбасада во 2008, со реакција се јави министерот Димитров. Тој на својот фејсбук профил напиша дека злоупотребувањето на документите се прави за негова лична дискредитација и за да му се наштети на заокружувањето на договорот од Преспа.
„Деновиве гледам извадиле стари информации објавени во 2010 година кои всушност потврдуваат дека конзистентно сум работел на исполнување на стратешките цели НАТО и ЕУ членството и сум комуницирал со САД, нашите стратешки партнери, во функција на остварување на државните интереси на Македонија. Истите партнери што во 2004 година, кога бев амбасадор во Вашингтон, го признаа уставното име на Република Македонија. Фактот што после цели осум години се злоупотребуваат истите информации, со обид за тенденциозна лична дискредитација за да му се наштети на заокружувањето на договорот од Преспа“, напиша Димитров на Фејсбук.
Инаку, Викиликс објави строго доверливи дипломатски преписки украдени од американските институции во кои тој ги информирал за ставовите, во однос на спорот со името на тогашниот премиер Никола Груевски и претседател Бранко Црвенковски.
Според Викиликс, Никола Димитров го известувал тогашниот американски амбасадор Филип Рикер за несогласувањата помеѓу Груевски и Црвенковски во врска со предлогот на Нимиц во 2008 година.