Протестите против Орбан сè пожестоки

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Продолжуваат антивладинте протести во Унгарија

Неколку илјади луѓе маршираа низ главниот град на Унгарија на четвртиот ден од демонстрациите против новите закони донесени во минатата недела. Критичарите оценуваат дека овие закони ги ограничуваат правата на работниците и ја поткопуваат демократијата.

Демонстрантите во Будимпешта фрлаа чадни гранати врз полицијата која одговори со солзавец, за време на протестите против новиот, како што велат, „закон за робови“ усвоен од владата на конзервативниот премиер Виктор Орбан.

Повеќе од 15.000 луѓе, според извештаите на локалните медиуми, им се приклучија на демонстрациите, први откако Орбан ја презеде власта во 2010 година.

Исто така за прв пат сите опозициски партии, од зелените до крајната десница, се најдоа под истото антивладино знаме.

Протестите станаа тензични иако говорниците ги повикуваа демонстрантите да останат достоинствени и мирни.

Протестите беа на повик на синдикатите кои се налутени од реформите што ги зголемуваат годишните прекувремени работни часови што работодавачите можат да ги побараат од 250 до 400 часа, и притоа им се дозволува да ја одложат исплатата за овие часови до три години.

Владата вели дека промените се потребни бидејќи имало недостиг на работна сила.

Освен пред зградата на парламентот, се протестираше и пред државната радиотелевизија каде што полицијата ги растури демонстрантите со употреба на солзавец.

Еве што велат некои од демонстрантите:

„Тие не преговараат со никого. Тие само прават што сакаат. Тие крадат сè. Толку е неподносливо, не може ова да продолжи.“

„Заситени сме од цинизам, ароганција, фалење и презирање на сè.“

„Промената на законот за труд за прекувремената работа и промената на судскиот систем се дефинитивно такви работи кои нè мотивираат да демонстрираме и да зборуваме.“

Другите реформи усвоени од парламентот, во кои доминира владејачката партија на Орбан, вклучува и закон со кој ќе се отвора патот за нови „административни судови“, кои пак ќе бидат под контрола на министерот за правда.

Тоа, според опозицијата, е уште еден сигнал дека премиерот Виктор Орбан сака да има речиси целосно политичко влијание врз судскиот систем.