ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе протестира во Велес

Архивска фотографија- претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на протест во Скопје

ВМРО-ДПМНЕ денеска организира протестен марш во Велес. Од партијата преку соопштение ги повикуваат граѓаните да им се приклучат наведувајќи дека “црнила ја завиле државата откако СДСМ е на власт”. Опозиционерите тврдат дека иселувањето од земјава се зголемува, економијата континуирано тоне, а дека лоша е состојбата и во сите сегменти од општеството, набројувајќи ги здравството, земјоделието, образованието, безбедноста, правосудниот систем.

“СДСМ целосно ја зацрни државата и ја украде надежта на граѓаните дека во Република Македонија можат да живеат, работат и основаат семејства. Овој тренд не смееме да дозволиме да продолжи. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ организира протестни маршови ширум државата. Ги повикуваме сите граѓани кои се незадоволни од оваа ненародна власт да ни се приклучат на денешниот протестен марш во Велес со почеток од 13 часот”, наведуваат од партијата.

ВМРО-ДПМНЕ покрај во различни градови низ Македонија протестираат и секоја среда во Скопје.