Потврдена посветеноста на Скопје и Атина за спроведување на Договор од Преспа

Архивска фотографија- Премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас го прославуваат потпишувањето на договорот за името

Определбата за имплементација на Преспанскиот договор во Скопје и во Атина со приближувањето на процесот на уставните измени во Македонија кон нивниот финиш се силни и во континуитет се реафирмираат, а очекувања историскиот договор да биде успешно процесуиран и во Грција стигнаа и од државниот секретар на САД Мајк Помпео.

Премиерот Зоран Заев изрази уверување дека ќе добие целосна поддршка од пратениците за уставните амандамни и дека процесот ќе се заокружи околу средината на јануари 2019 година.

Портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос во пресрет на вчерашниот говор на Алексис Ципрас во Солун изјави дека со уставните измени постои целосно почитување на договореното. Истакна дека треба да се инсистира на фактот дека “реално е голема историска шанса за да се реши, можеби последното, големо идентитетско прашање на Балканот”, но и дека според него, со стапувањето во сила, договорот ќе доведе до нова ера во регионот.

Државниот секретар на САД Мајк Помпео по средбата со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Јоргос Катругалос во Вашингтон, изјави дека влезот на Македонија во НАТО ќе ја засили способноста на балканските земји да се спротивстават на „недобронамерните активности“ на Русија во регионот.

Катругалос, пак, ја повторил решеноста на Владата на Ципрас да го спроведе Договорот од Преспа, кој како што вели, ќе има заемна корист за Атина и Скопје, како и да продолжи во решавањето и на другите отворени регионални проблеми.